Управување со проекти

Управувањето со проекти претставува клучна алатка за ефикасна реализација на стратешките цели на организациите. Овој модул нуди практични знаења и вештини за планирање, организирање, следење и затворање на проекти во јавниот и приватниот сектор. Учесниците ќе се запознаат со фазите на животниот циклус на еден проект, вклучувајќи дефинирање на цели, буџетирање, управување со ресурси, ризици и заинтересирани страни.

Преку анализи на реални примери, интерактивни вежби и алатки како логичка рамка, Work Breakdown Structure (WBS) и Gantt дијаграм, модулот ќе им овозможи на учесниците да ги унапредат своите капацитети за управување со проекти и да развијат структурирани и применливи проектни идеи. Посебен фокус се става на важноста на меѓусекторската координација, мониторингот и евалуацијата, како и на комуникациските и лидерските вештини на проектниот менаџер.

Модулот е дизајниран за административни службеници, координатори и проектни тимови, и е особено корисен за сите кои работат на национални и меѓународни проекти финансирани од ЕУ и други донатори.

Кодекс за административни службеници

Модулот „Кодекс за административни службеници“ има за цел да ги зајакне знаењата и етичката свест на вработените во јавната администрација за нивните професионални обврски, етички стандарди и однесување кое одговара на јавната функција што ја извршуваат. Преку детално запознавање со основните принципи на јавната служба – интегритет, законитост, транспарентност, еднаквост и одговорност – модулот го промовира професионализмот и служи како водич за донесување исправни одлуки во секојдневната работа.

Во модулот се разработуваат основните етички концепти, типологии на етички и неетички однесувања, организациската култура, управувањето со судири на интереси, спречување на корупција и постапување во случаи на неетичко однесување. Особено внимание се посветува на практични примери, граница меѓу законски и морално прифатливо однесување, како и употребата на кодексот како алатка за саморегулација и одговорност.

Овој модул е наменет за сите административни службеници, вклучително и раководни кадри, кои имаат клучна улога во создавањето на одговорна и етичка јавна администрација, ориентирана кон јавниот интерес и доброто управување.